Friday, January 17, 2014

Површина без површности


Еј, ти. Да ти. Што веднаш ке ми замериш за печатните грешни и заботавените запирки. Тука престани со читање. Без некаква цел е површностите кои ги бараш, овде да ги најдеш за да те нервираат. Остави ми ги мене моите неперфектности да ме радуваат постојано потсетувајќи ме дека грешките се својствени за машините, не за луѓето и дека од истата причина светот не слушнал за фабрички гревови.

Не барај да ти простам што нив ти не ги разбираш на мојот начин. Не, не те обвинувам за апстрахираност од чувства. Можеби е само незнаење и некултура. Ама пак не можам да ти простам. Како што не можам да си простам за чај што од невнимание сум го оставила да се олади. Или за научена лоша песна во автобус на екскурзија. Како што не можам да си простам силувана креативност и креативност што немала оргазам одамна.

Ама ти сѐ уште си тука. Можеби бараш уште некоја несовршеност што ќе е понесовршена од некоја што е твоја? А забораваш дека другарчето што исто така добило лоша оцена е оправдание што останува некаде во основно. И дека никако твојата несовршеност нема да изгледа подобро само затоа што мојата е полошо оценета.

И сега би требало да ти кажувам како ти е егото сито, ама духот анорексичен. Дека не ја слушаш песната, ами го гледаш само спотот. Дека те населила површност, и мислиш оти не боли, нема да те убие.

А наместо тоа, јас сум во еден иритирачки ротирачки занес. Ротирачката врата ме води во очај: ми покажува влез и излез истовремено. Ме тера да се сомневам и да се прашувам и да се превозмогнувам. Можеби не смееше теркот да го потчинам на спонтаното одлепување од она што го нарекуваат исправност? Онаа генеричка исправност, гола и иста за сите.

И тогаш, пак ми текнува. Знаете, она за машините и луѓето. И се присетувам уште и дека не сакам до мене безгрешен пронајдок, макар и би ротирал околу апсолутно совршена оска. И дека и јас сакам да бидам човек до некого, макар и со сите несовршености кои машините би ги детектирале.