Tuesday, February 7, 2012

Оптимизам. И ренесанса.


Луѓето не биле оптимисти. А што е тогаш со она зелено светло кое го гледаме дури и тогаш кога сме зјапнале во црвеното? Ти се убедуваш себе си дека гледаш црвено, ама сепак упорно со аголот на окото гледаш во зеленото. Очекувањата и надежта се човекови чувства. И се викаат оптимизам. Всушност, ако не сме оптимисти, како тогаш се одлучуваме за љубов? Љубовта е непоканет гостин, но ти решаваш дали ќе го пречекаш со топол чај и мафин, или со кофа студена вода. А луѓето, и покрај тоа во колку кал зацапале претходно, сепак на крајот варат топол чај.

А и зошто вооошто да не го пуштаме оптимизмот? Оптимизмот е здравје, исто како лимон без текила. Тој ни овозможува да уживаме во радостите. Кој песимист наоѓа сатисфакција во другo освен во моментот: „пак бев во право“? А во смешнава денешница, песимистот често знае да си умисли дека тој е всушност само реалист. Реализам не постои. Сѐ е онака како што ние гледаме во него. Нема црно и бело. Затоа, песимисти и таканаречени реалисти, не сте веќе во мода! Не ви верувам. Зелени сте и вие!

Е сега, има еден проблем тука. Премногу оптимизам. Газење по облаци и пиење кафе со месечината. Оптимизам наречен илузија. Страшна работа. Дури и мртвиот Фреди е посимпатичен. Без разлика дали ја даваш, или ја примаш, на крај сепак ти си тој што останува труден. Само што по девет месеци нема да лулаш бебе, туку монстер. Таков монстер што ќе те прогонува до немајкаде. Ако даваш некому илузија, ќе ти се врати корисникот на „услугата“ со гаранцијата. А ти ќе мораш или да печатиш нова гаранција или да го затвориш бизнисот. Или го одложуваш проблемот, или се соочуваш со неговото разорно дејство. Во секој случај, нема да си поминеш лесно како на прва писмена работа по македонски јазик. Ако примаш илузија, е тогаш ти нема спас човеку. Уживаш во некоја фиктивна среќа, веруваш на некоја фиктивна фигура, живееш фиктивен живот! Верувам во моќта на фантазијата и имагинацијата, ама фикцијата е мртва работа. Mе потсеќа на цртани ликови кои божем зборуваат и одат, а всушност се боја и хартија. Но, мора да им се симне капа, тие барем не знаат за повредување.

А колку ние луѓето не сакаме да повредуваме! Сепак, кога го правиме тоа, знаеме да го направиме на најлошиот начин. Најлошиот начин не е секогаш остриот јазик. Грубите зборови барем се отворен непријател, знаеш против што да се бориш. Туку убавите зборови. Тие се како оние пријатели по потреба. Не ти се пријатели, ама се декларираат како такви, додека не добијат нешто. Само што овие зборови не се обидуваат да добијат нешто. Тие одземаат. Одземаат среќа на најсуптилен начин. Ги слушаш тие убави зборови и веруваш дека сѐ е фино и стокмено. А всушност, некој само си прави гимнастика на вилицата. И така, стигнува и најопасното страдање. По пат на оптимизмот наречен илузија. А колку би било подобро да ја знаеш вистината. Таа можеби и ќе те боли повеќе, но пократко. А искрено, порадо би умрела од еден, одошто од повеќе удари.

Ма не умирам. Ќе живеам. Само не ја заборавам и ренесансата. Не е потребно вистински да умреш, за да се преродиш. Да решиш дека време е за нов, свеж старт. Каде што нема да има дамки од кал, ниту мирис на илузија. Само стварност. Ама толку убава стварност, поради којашто ноншалантно ќе поминуваш покрај продавачите на илузија. Оптимизмот си го задржуваш, во форма на здрав оптимизам. А лимонот, сепак е поубав со чашка текила.