Wednesday, December 25, 2013

Страница 323



Од иста единствена причина сакам да одам на фудбалски натпревари и фингирани протести – да си го исфрлам бесот. Само таму им е нив продуктивноста: цел тој остаток енергија лесно се пренесува преку гласно скандирање во воздухот и продолжува да лебди далеку од тебе, како испуштен хелиумски балон. Ама никако да му продадам деведесет минути на фудбалот или да добијам транспарент со ручекот. Барем додека верувам во моќта на загорените макарони и отстранувањето на нивните остатоци од садот за мене значи и отстранување на бесот.

И не е само посветеното време во кујната вентил со кој го имам запознаено бесов. Сме поминале сѐ: од телесно исцрпување до деструктивно шетање по туѓи нерви. И болно, и корисно, и забавно и проследено со жалење. Никако уникатно и специјално, но целта е постигната, а процесот завршен.

Но, само во недостиг на креативна експанзија. Во креативен занес, дури и го сакам бесот. Го продолжувам неговото живеење, но во една друга форма. Со внимание го обликувам и му давам име, изглед, карактеристики. Можам да те излажам и ти да го засакаш, па да го земеш и ме ослободиш од него. Можам да направам твојот бес да го најдеш во мојот, па моето ослободување да биде и твое.

А има и такви убави бесови што претендирам да ги задржам. Токму таков бес го пишува текстов, кој од некоја необична причина што веројатно ти, небитен човеку, никогаш нема да ја дознаеш, има наслов Страница 323. Нема зошто да ти е познато нешто што ми е надвор од разумот. Зашто слободна сум. Сѐ додека гори фантастичниот оган. А слободата ми го дава секое право да бидам бесна на најдобрите можни начини.

Така и сабота. И ти, ако препозна стихови на Мајке во текстов. А ако твојот бес слуша друг жанр, пренеси му дека може да избира: Дубиоза колектив, Београдски синдикат, ЛД Пистолеро... На Таксират. Од 20 часот. Во Метрополис арена.