Sunday, October 21, 2012

Ода на минатото




Да го бараш минатото е исто како да правиш автостоп, покажувајќи со палецот кон возило кое веќе поминало. Знаеш дека нема да се врати, ама сепак правиш будала од себе. Го заведуваш како што се заведува стар љубовник, а ја занемаруваш неговата импотенција да ти се врати. Не правиш ништо друго, туку просиш од просјак: нема ништо да добиеш, освен неколку лузни на совеста.

Во тој костец со минатото, ти си тој што го поканил непријателот на бојното поле. И без разлика што тоа нема да се врати, ти го гледаш неговиот призор. Тоа е тука за тебе и ти го демнееш. Таа илузија во која живееш со своето минато, е негово прославување. Негова ода која ти ја рецитираш и звучи лошо.

Само што ти последен го дознаваш тоа. Кога ќе изостане аплаузот и кога ќе останеш сам на сцената. Тогаш сфаќаш дека цело време си живеел во мрак. Си му вртел грб на сонцето, за да си гледаш во сенката. Разбираш колку многу е апсурдно да го живееш минатото, исто како што е апсурдно да си ги чистиш дамките од маицата, кога можеш да облечеш нова. 

Во тој момент стануваш слободен. А слободата е само друго име на среќата. Најдобриот дел е што таа не се мери. Зашто, ако слободата се ограничи, престанува да биде слобода. Истото се случува и со среќата. Само потполно неусловена, таа е вистинска. Ти ја имаш, а твој е изборот дали ќе трчаш низ неа, или ќе одиш полека. Сепак, кој начин и да го избереш, едно е сигурно: таа прошетка нема да те измори. 

А минатото? Тоа е веќе слушнат виц: колку и да било добро, повеќе не може да те насмее.