Friday, March 30, 2012

Еден сосема некултурен текст


Пријатно. Ви посакувам да ви биде убаво. Пријатно и како довидување, зашто знам дека ќе се видиме повторно. И како чао, но и како збогум, зашто можеби и нема да се видиме пак. Сеедно, пријатно.

Понекогаш не го сфаќаме значењето на оваа желба, да посакаш некому атмосфера во која ќе му биде удобно. Но, сепак ја посакуваме, барем објективно, како искажан збор. Заради куртоазија. На мозокот не му е потребна речиси никаква активност за да посака некому убав ден. Исто како што не му е потребно за четкањето на забите наутро или за ставањето клуч во бравата. А каков би бил тој убав ден без мозок? Ни пак срце има. Користиме толку многу истоветни фрази што веќе ни е тешко и да се сетиме што значат. Ги кажуваме, а не ги чувствуваме. Одбивам да верувам дека за убав ден треба да се вложи исто толку малку, колку што и за четкање на забите.

Ниту пак сакам да прифатам „пријатно“ секогаш да доаѓа на крај. Велат, најубавите работи се резервирани за крајот. Не, не, почетокот прв ги резервирал најубавите работи. Па само почетокот е прв. И најважен. Од првите страници зависи дали ќе прочиташ една книга до крај, а од крајот дали книгата ќе ја запаметиш. Постои ли запаметена книга, што не е прочитана? Почетокот секогаш е пред крајот. Така и „пријатно“. Сакам да ми биде убаво од самиот почеток. 

Некогаш индустријализацијата била почеток на замената на раце со машини. Денес, куртоазијата менува идеи и чувства, за нешто што се нарекува шаблон. Таа ги избрала шаблоните за да чувствуваме дека сѐ е во својот ред, баш онака како што треба да биде. Само тоа ни внесува сигурност дека сме направиле нешто правилно. 

И додека консумираме хармонија, почнуваме да сфаќаме дека таа не значи само совршен ред,  туку и монотонија. А во монотонијата, сѐ си личи на сѐ останато. Значење нема. Сфаќаме дека сме под јурисдикцијата на безличното и безначајното. Дека нѐ завладеала  сопствената свест, заради законот донесен од општеството. Дека живееме во една диктатура во која диктаторот е истото лице на кое секој ден му ги четкаме забите. 

А излезот постои и не е подалеку од еден поинаков чекор. Чекорите се тие кои сигнализираат движење, промени, отворање на нови хоризонти. Но, не и ако секогаш ги правиш истите чекори, во различни обувки. Тогаш си идиот. Идиот кој ќе заврши прегазен од сопствената тромавост. Затоа чекорот мора да биде поинаков. Макар и еден чекор, макар и малку поинаков чекор и ќе се најдеме во хаос од убавина.

А сега, здраво. Зашто крајот секогаш означува почеток на нешто ново.