Wednesday, January 25, 2012

Нешто старо, нешто ново, нешто позејмено и нешто тегет


Не е лесно да изедеш чоколадо. Првин треба да го набавиш, после да го одвиткаш и на крај кога ќе го изедеш, да знаеш да се носиш со фактот дека ти останала само празна обвивка. Е таков е крајот на јануари, како изедено чоколадо. На чоколадите одамна не им одолевам. Ама јануари го мразам.

Се започнува со магија и ветувања. Најтешкиот крај секогаш го има баш тој почеток. Ги затвораш очите и само веруваш... си викаш, овој ќе биде поинаков. Те понесува атмосферата: предпразнична, празнична, постпразнична... те понесуваат ветувања што сам си ги даваш, и оние кои ги слушаш. Колку е тешко да набавиш доверба. Полесно цел Краш ќе го преселам дома, одошто да ја набавам оваа супстанца. Ама ете, надоаѓа ли јануари, со цел тој сјај, магија и снегулки, и паф-пуф... доверба! Ај мајката. Се знаевме ние? И решаваш да ја земеш таа доверба. Да ја одвиткаш. 

Си земаш и нешто старо со себе. Го земаш искуството. Ама сега тоа го нема обликот на лошиот ѓавол што гледа телевизија на твоето лево рамо и постојано ти го менува каналот. Не, не. Сега искуството има облик на средовечен маж, што изгледа како барем половина од својот живот да го поминал јадејќи чоколади. А не учејќи од искуства. И сега, се прашуваш, можеш ли да му веруваш на твоето искуство, кое не научило од своето? Затоа се решаваш да го баталиш искуството. Кој учи денес од искуство? И онака имаш премногу материјал за следниот колоквиум. Си го земаш искуството како придружба, како оние придружби што сингл луѓето ги земаат за да одат на свадба. Колку да имаат со кого да влезат. 

И влегуваш во средиштето на таа јануарска магија. Си понесуваш и нешто ново. Секогаш. Колку многу овој јануари да наликува на претходниот, никогаш не може да биде истиот. Ако ништо друго, ги менуваш песните што ги пееш додека се тушираш. И тоа е нешто! Претходно косата ја миеше со Шаума и со Енрике? Сеа ја миеш со Шаума и со Ерос. Сфаќаш дека стандардите се смениле. А дека со годините најверојатно си имаш голем проблем.

Позејмуваш спомени од минатиот јануари. А нема ништо пострашно од нив. Лошите спомени не е тешко да се мразат. Но, убавите спомени ги мразиш уште повеќе, зашто се само спомени. Затоа спијте си. Од спиење нема спомени. Не пропагирам пасивност и конформизам. Никако. Ама сепак спијте. За да можете утредента да ги направите вистинските одлуки, заради кои наредниот јануари нема да имате потреба да се сеќавате, зашто ќе бидете преокупирани... со реалност, на пример? И дај Боже, да биде реалност ипол. 

И конечно, старата англиска традиција, вели дека невестата на денот на венчавката треба да носи нешто старо, нешто ново, нешто позејмено и нешто сино. За да биде среќна сопруга. Јас велам, секоја нова година ние го правиме истото, но се прашувам дали сме среќни? Колку стариот јануари сме си помогнале себеси? Колку големи се шансите да го зафркнеме овој јануари? Затоа, земете и нешто сино, нека биде тегет сино. Тегет чорапа. Колку против уроци, облечете ја наопаку. Направете нешто поинаку. 

Таков е крајот на јануари. Баш како празна обвивка, убавата содржина си ја консумирал. Останале само неколку аусајтерски сијалички во градот, ама ни нив не ги гледаш со онаа радост што ја имаше на почетокот на јануари. И не знам за вас, но јас стварно имам проблем да се носам со крајот на јануари. А и со чоколадите сѐ уште не можам  никако да си помогнам.


No comments:

Post a Comment