Friday, January 20, 2012

Чичко Ама


Нема никој порасипан од чичко Ама. Да постоеше награда за Расипаност, овој сите ќе ги собереше. Сите. Можеби ќе оставеше една за секој случај (Секој Случај е нечие алтер его, ама не ви го кажувам!). Е сега, јас лично не сум врзана ни крвнински, ни па агнатски со Ама. Никако. А тој упорно расипува, ли расипува. На пример, сакам да одам на Хаваи! Ништо ново, ништо невообичаено. Можеби и клише. И ете, јас таман сум ги спакувала сите 12 куфери, доаѓа Ама! Ама: „не можеш на Хаваи, мораш да учиш“. Е во вакви моменти, не ти се срушува светот... ти се срушуваш!

Јас сум сигурна дека секој се сретнал со Ама. Упорно сакаш едно нешто, доаѓа Ама и ти ја кажува јаката причина зошто не можеш САКАМ да го смениш со ИМАМ. Сѐ што имаш во таа ситуација, се два избори: да го послушаш него или да се каеш цел живот! Зашто Ама може да биде колку расипан сакаме, ама и мудар е тој! И сега, видете кое е проклетството, колку си ти помудар, толку повеќе Ама те гони! Па секој сака добро друштво за реметење! Тоа е ко во филмовите, кога се „јадат“ меѓу себе лошите типови. Ама и мудар ти, е нешто слично!

Па лесно е да сакаш нешто кога срцето е будалетинка и лесно се лаже. Бетер од дете во луна парк. Бетер од Џони Браво меѓу 300 спартанки. Романтичарите ќе ти речат: слушај срце, само тоа не лаже. Кој бе не лаже. Ако не те зафркне срце, кој ќе те зафркне? Те лажe, те мами, те искушува... Го спрема теренот за кога ќе дојде Ама. Не, не, не сум на страната на Ама. Сѐ уште тврдам дека е страшно расипан! Кога тој ќе дојде настапува гробната тишина! И ти ја носиш одлуката: срцето или Ама. Срцето ќе ти пружи среќа. Која најверојатно ќе трае кратко, зашто Ама го предвидел тоа. Ако го избереш Ама, нема среќа. Има мир. Па за пар години, можеби и среќа. Се шалам. Некогаш е потребен само момент за да ја видиш среќата повторно пред себе...

Заклучокот е: не биди мудар. Ама ќе те нејќе, нема да те прогонува, ти ќе бидеш среќен... до некоја инстанца од твојот живот. Има уште еден заклучок: биди мудар. И слушај го Ама што ти зборува. Зашто, доколку не постоела јаката причина, ни Ама не би постоел. Јаката причина постои. Ама постои. Иако го мразиш од дното на душата, мораш да признаеш дека е во право! Или барем дека некој ден ќе биде во право. А тој ден, ти ќе го викнеш Ама во посета. Ако си го игнорирал тогаш, Ама ќе ти се смее. А ако си го послушал, двајцата ќе се смеете. Зашто, тој ден е денот на среќата. Кога сфаќаш дека срцето е променливо. Кога сфаќаш дека тоа што некогаш си го сакал, а Ама упорно се попречувал меѓу вас, денес не е тоа што ти е потребно. А мирот си го зачувал. Си победил. Ти и Ама сте победиле заедно.


No comments:

Post a Comment