Friday, January 20, 2012

Клишеа? Единственото убаво кај нив е францускиот акцент!


Во живеачкава, од некои работи ми се повраќа во книжна ќеса! Ете, на пример, од џигер! Ама џигерот е срце (дискутабилно прашање!) во споредба со клишеата. Е тие, толку многу ми го дразнат центарот за повраќање во мозокот, и толку многу го опуштаат мојот желудочен свинктер, што содржината на желудникот ми прави водопади! Јас разбирам да не си инвентивен, ни креативен, ни слаткоречив... Ама ако веруваш во клишеа имаш проблем!

Клише на векот: СУДБИНА. Наметната од американските блогбастери и мас медиа културата воопшто. Се разбира дека во серијата убиецот ќе заврши жив запален, а совршениот пар ќе остане заедно. Да, зашто таму судбината е потпишана со раката на сценаристот! За среќа, во животот, ние сме сценаристите. А ако веќе попуштам да верувам во таа судбина, знаете како ќе ја замислам? Како поток! ПАНТА РЕИ. А ветерот сум јас, јас ја туркам водата во мојот поток, јас ги буткам камчињата на дното! И ако судбината е поток, таа толку брзо се менува, што престанува да биде клише!

Своевидна сестра на судбината, бездруго ќе биде ЕКСКЛУЗИВНОСТА. Не претерувам, ако речам дека нема поупотребуван, а побезначаен збор на денешницава. „Ексклузивно во вестите на ТВ Ексклузивност-ми-е-второ-име ќе имате прилика да го проследите разговорот со човекот кој вчера го кроеше лозјето...“. Или: „ексклузивно: познатата пеачка Ни-ја-знам-ни-ја-познавам остро го погледнала скопскиот шмекер Ма-ни-тебе-не-те-знам Ни-па-познавам...“. Бљак. Ушите ми плачат кога ќе го слушнам зборчето. Ако има нешто ексклузивно во целата таа ситуација, ќе биде моментот кога ќе видите моите уши како ронат солзи!

И тука не запирам, драги мои ексклузивци! Клишеата се цело семејство! Синдијазмичко! Браќа и сестри, трети и четврти братучеди... сѐ има! Тоа е толку широко семејство, што Бруклин не може да го собере, а можеби ни цел Њујорк не е доволен!

Од медиумската, преминувам на една друга драма. Драма што ја приредуваат луѓето покрај тебе. Е тука има две прости реченици, прости во екстензивна смисла: „Не се замарам“ и „Уживај“. Грррррр.... што би рекол Лутко од „Снежана и седумте џуџиња“: „одвратно“. Лутковците надвор од приказната за снежната убавица, можеби не се високи само еден метар и можеби немаат црвени носиња, ама ги има многу. Многу. Е баш таквите се тие кои „не се замараат“. Ако не се замараш, не се замараш. Готово. Нема ни да го спомнуваш тоа. А ако сакаш сам да се убедуваш дека не се замараш, слободно. Ама те молам користи друг збор... ако не сакаш да видиш што сум јадела за ручек! А „уживај“? Е тоа убива со игла за плетење, болно и полека! Ми вика уживај, а знам дека во паметот три пати ме убил, и веќе смислил алиби. Ама јас сепак порадо социологија ќе одам да читам, пред да почнам да се занимавам со читање мисли. Така што, ќе уживам! Можеби не крај социологијата, ама ќе пијам негде џин тоник. Ха! А ти кога ќе се решиш да ми кажеш што ти е, дојди, ќе нарачам уште еден!

И конечно, доаѓам до моите омилени клишеа. Љубовните. Статусите од типот: „те сакам муце мое, бац, бац...“. Да, романтиката треба да ја создаваш секаде и секогаш, се согласувам! Ама романтиката нема врска со 53 „likes“ и 27 „comments“. 

А сега, ќе одам... муабетов со романтиката, ме инспирира. Наместо да зборувам за романтики, одам да ги создадам! Ве сакам, бац, бац... 



No comments:

Post a Comment