Saturday, December 29, 2012

Насловот е небитен



Најобезбедените места не се и најбезбедните. Ќе ставиш катанец, две врати и куче, и пак, некогаш ќе те пречека таму провалник. Некој ќе ја повреди твојата неповредливост, ќе ти го исплаши стравот и ќе ти ја избезуми безумноста. И те победил. Влегол внатре, а ти не знаеш дали дошол за да подели со тебе топлина или само за да си ги избрише чевлите. 

Ама стравот е исплашен и молчи. На твојата фреквенција се слуша смелоста, готовноста, па дури и дрскоста. Онаа убава дрскост која ти го поместува тлото под нозете за да те однесе кај материјализираните сни. Со истата таа дрскост им прскосиш на минатите радости, зашто рака си им подал на некои нови, ветувачки радости. Си станал дрзок и спрема себе, зашто ѝ прскосиш дури и на сопствената сегашност. Таа станува аморфна, безимена, недефинирана. Ама ако, додека е убава, не ни мора да биде поразлична.

А убава е. Можеби затоа што е нова. Можеби затоа што е поинаква. Посакуваш да ја сакаш и кога ќе биде стара и иста. И веруваш дека ќе ја сакаш. Тоа го зборуваат некои исто толку недефинирани и безимени одекнувања, кои се повторуваат доволно долго за да сфатиш дека се сериозни. Но, зборуваат и дека правилата на игра се смениле, па сега мораш да ставиш влог за да продолжиш да учествуваш.

Ти не се ни пазариш. Учеството го плаќаш во готово. Плаќаш со сите можности кои ги имаш, само за да ја добиеш таа една да учествуваш. И очекуваш успех. А успехот е крива линија, која ја сакаш само во правец горе. И исто толку непредвидлива и страшна. Вртоглава станица на која ти ги чекаш возовите, а не тие тебе.

Токму тоа чекање те исцрпува. Дури и оптимистот станува песимист кога оствареното очекување доцни. И ете го, стравот како покорен пес се вратил. Сега тој е храбар, смелоста исплашена. Сега сегашноста ги бара формата и местото кои ѝ припаѓаат. Па затоа мораш да одговараш на непоставени прашања. А кога прашуваш, слушаш молк. Некогаш пак, не ни прашуваш. Стравот е погласен од твоето прашање, го надминува и го гуши. Како еден од оние лоши соништа, кога со сите сили се обидуваш да дофатиш нешто, ама тоа никако да се најде во твоите раце.

Ти недостига дрскоста која ја имаше на почетокот. Барем нешто да останеше од неа, па да ја искористеше и да се разбудеше во убавата и безимена сегашност која ја имаше. Сега безимената сегашност не ужива во својата безименост зашто таму се населил стравот. Ги искористил портите што си ги оставил отворени надевајќи се дека очекуваното ќе помине низ нив. И со оглед на тоа дека ги земал своите куфери, веројатно има намера подолго да остане. 

А ниту стравот, ниту неветувачката тишина се добро друштво, дури и кога очајно не сакаш да бидеш сам. Но сепак, на крај, од провалникот зависи дали ќе те остави со нив да делиш топлина.


No comments:

Post a Comment