Monday, August 27, 2012

Живот после мамурлак


После љубов, како после водка... никогаш повеќе. Мамурлакот е доволен сам по себе. Ако не престанеш да го консумираш истиот отров, си или луд, или алкохоличар. За среќа постои избор. А изборот е најдобрата работа што можеш да ја имаш.

Штом си избрал мамурлак, веројатно веќе си минеш лошо. Ама тоа не значи дека треба да се откажеш од радостите кои ги носи пијаноста на духот или телото. Можеби никогаш нема да ги разберам мажите што мразат балетанки. Ниту пак ќе ја разберам општата опседнатост со Ѓорѓе Балашевиќ. Ама, една работа знам. Живот после мамурлак постои. Мамурлакот поминува побрзо од споменот за разговор слушнат додека стоиш пред семафор. Но, ни малку не е безначаен како него.

Токму тој те потсетува дека треба да бидеш внимателен. Те поттикнува да правиш различни избори. Да чекориш цврсто по земјата, но никогаш да не си го газиш достоинството. И да пиеш вода, секако. После тоа поминува. А доаѓа животот после мамурлак.

Каков е тој? Како чувството на штотуку соблечени чевли после долг пат. Исцрпен си од претходниот живот, а истовремено имаш бескрајна енергија за следниот. Без разлика што си бил во претходниот живот, без разлика што ќе бидеш во овој. Знаеш дека повеќе не ти требаат чевли од кои те болат нозете, а не планираш ни да патуваш на долги релации наскоро. И тоа го прави новиот живот сосема нов. Сосема возбудлив. Непредвидлив. Страшен. И привлечен. 

А потоа, тргнуваш. Со мислата: никогаш повеќе. А не и веруваш, исто толку колку што не веруваш дека во затвор и во јавна куќа се сите невини. После љубов, како после водка... никогаш повеќе. До следниот пат.


1 comment: